Свет
Земјотрес во северен Авганистан – бројни жртви и повредени
Уште еден земјотрес го погоди Авганистан. Според Геолошкиот завод на САД, земјотресот на северот од земјата бил со јачина од 6,3 степени. Владата пријави бројни жртви и стотици повредени.

Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала го потресе северен Авганистан. Според Геолошкиот завод на САД, потресот се случил ноќеска во близина на градот Мазар-и-Шариф во покраината Балх на длабочина од 28 километри. Геолошкиот завод на САД првично пријави длабочина од 10 километри, но набргу потоа го коригираше тоа.
Повеќе од 20 лица загинале во покраините Саманган и Балх, објави Министерството за здравство, околу 320 лица се повредени. Ова е прелиминарна проценка.
Земјотресот бил почувствуван дури до главниот град Кабул, на околу 300 километри оддалеченост, според дописниците на АФП. Локалните власти објавија телефонски броеви за контакт во итни случаи за погодените граѓани.
Во Мазар-и-Шариф, многу луѓе истрчале на улиците од страв дека нивните домови ќе се урнат, објави дописник на АФП. Се јавува и дека земјотресот уништил дел од светилиштето на Мазар-и-Шариф, како што изјави Хаџи Заид, портпарол на покраината Балх, мислејќи на Сината џамија.



