Во Унгарија, која се бори со поплави откако циклонот Борис предизвика обилни врнежи на подрачјето на Централна Европа, ситуацијата е најкритична во селото Кисмарос, каде локалното население веќе користи чамци по улиците, додека населението на Градот Баја се подготвува за најголемата поплава во последните 11 години.
„Во Будимпешта се очекува бавен раст, водостојот на Дунав ќе се зголеми за педесет сантиметри до сабота навечер, по што реката полека ќе почне да се повлекува“, изјави генералниот директор на националното водостопанство Иштван Ланг.
Тој нагласи дека поплавите се големи и дека одбраната е отежната.
Тој рече и дека просечниот водостој на Дунав е околу педесет сантиметри понизок од нивото на водата за време на поплавите во 2013 година, но дека оптоварувањето на одбранбените линии е сепак многу значајно.
Ланг истакна дека времето за одбрана ќе биде подолго од претходно планираното бидејќи падот на водостојот е побавен од очекуваното.
Унгарија се бори со поплави откако циклонот Борис предизвика обилни врнежи низ централна Европа.
Најлошите поплави што ја погодија централна Европа во последните две децении погодија делови од Полска, Чешка, Романија, Австрија и Словачка и однесоа најмалку 24 животи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вчера се сретна со лидерите на европските земји погодени од поплавите, меѓу кои Полска, Австрија, Чешка и Словачка и вети финансиска помош од Европскиот фонд за солидарност.
Таа изјави дека ЕУ ќе обезбеди уште 10 милијарди евра од кохезиониот фонд поради огромните штети што ги предизвикаа поплавите врз инфраструктурата и станбените згради.