Македонија
Врвот нуди магично доживување на изгрејсонцето
Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“, за в сабота, кани на искачување на врвот Љуботен, да се доживее изгрејсонцето, кое, како што велат, не може да се опише со зборови. – Кога изгрева сонцето таму некаде зад Стара Планина и Рила, може само да се почувствува, но не и да се опише. Чувството е најблиско до она што го имал Бог кога го создавал светот – нагласуваат од Здружението
Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“, в сабота, ќе му се приклучи на настанот „Зора на Љуботен“, кој, по шести пат, го организира планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово. Тие канат да се доживее изгрејсонцето, кое, како што велат, не може да се опише со зборови.
– Кога изгрева сонцето таму некаде зад Стара Планина и Рила, може само да се почувствува, но не и да се опише. Чувството е најблиско до она што го имал Бог кога го создавал светот – нагласуваат од Здружението.
Минатата година, поради пожарите, забраните и временските услови, овој настан не беше организиран. Оваа година, сепак, е одлучено да се спроведе оваа акција во период кога забраните и сезоната на пожари, барем теоретски, не се завршени.
Настанот започнува со собирање на учесниците на градскиот плоштад во Тетово, поточно пред Домот на културата.
– Планот е да тргнеме од Тетово во 20:30 часот и да се упатиме кон Старо Село, каде што ќе ги почекаме учесниците од другите места. По прибирањето, во 21:30 часот се оди нагоре, накај планинарскиот дом „Љуботен“ (1.650 надморска височина), што ќе биде база за понатамошното качување. Пристигнувањето во планинарски дом „Љуботен“, каде што ќе биде поставен базниот камп, е околу 23:30-24:00 часот. Таму ќе има поголем одмор, ќе има доволно време за вечера и за разни активности пред понатамошното искачување – објаснуваат од Здружението.
Во поход кон самиот врв се тргнува околу 02:00- 02:30 часот на 17 септември, а се стигнува на врвот околу 04:30-05:00 часот, кога и ќе може да се дочека самото изгрејсонце. За ова искачување, потребна е стандардна планинарска опрема засилена со челна или со рачна ламба.
– Пожелно е да има на облеката или на опремата ознаки од рефлектирачки материјал за подобро следење на колоната. Удобни планинарски чевли или чизми. Освен тоа, потребен е и потопол слој облека, бидејќи горе, на самиот врв, ќе има задржување повеќе од два часа, а утрата на таа висина се секогаш студени. Кој има, да си понесе подлога за седнување, бидејќи седењето на камења не е баш удобно. Не е лошо и да си имате вреќа за спиење за да ве заштити додека да го чекаме изгрејсонцето – даваат насоки организаторите.
Тие напоменуваат дека, како планинари, се и заштитници на околината и на природата и замолуваат за строго почитување и одржување на чистотата на планината, особено со неоставање неразградлив отпад на планината.
Според планот, враќањето во базниот камп (домот „Љуботен“) е околу 08:00 часот и по одморот и појадокот, се тргнува кон Старо Село, а дотогаш, кој сака, може да одмори или да учествува во некоја друга активност планирана за забава на планинарите. Акцијата завршува во Старо Село, околу 12:00 часот.
Инаку, Љуботен е врвот со кој започнува Шар Планина. Висок е 2.499 метри и од него (кога ќе ви дозволи) има поглед на цело Косовско Поле, на Скопската Котлина, на цел Полог од три страни и остатокот од Шарпланинскиот масив на четвртата страна.
– Импресивно е прекуден, ама едноставно е магично кога ќе се качите ноќе на врвот и ги гледате сите улични, индустриски и домашни светилки, кога може да ги видите сите автомобили и други возила што патуваат во раните утрински часови, како во градовите така и по патиштата, осветлени и неосветлени, меѓу населените места. Луѓето од Скопје, Тетово и од останатите околни места дури може и да си го видат домот одгоре – нагласуваат од „Убавините на Скопска Црна Гора“.