Македонија
Волонтери собраа два камиони ѓубре кај Аквадуктот
Млади ентузијасти порачаа: „Не барајте луѓе за пример, бидете пример“ и заминаа кај скопскиот Аквадукт, место кое треба да е туристичка атракција, но со години е претворено во простор со многу ѓубре, а самиот вековен Аквадукт пропаѓа од негрижа. По акцијата, на која им се придружија од скопски комуналец за да го однесат ѓубрето, рекоа дека просторот „од депонија стана рај“.
„Се наполнија не еден, туку два камиона до горе со сѐ и сешто – од ситно ѓубре, како пластични шишиња, до огромни и тешки гуми, теписи, ВЦ-школки и разни други чудни ствари. Благодарност до Лабораториум за иницијативата, одличната соработка и организација. Да се собираме пак за убави работи!
Едно браво и до дечките од КХС кои се враќаа и за втора тура полнење на камионот!
Да повториме, не чистиме само за да биде почисто, туку за да инспирираме и мотивираме што повеќе луѓе да се грижат за нивната околина и да бидат активни во нејзиното сочувување.
Не барајте човек за пример. Бидете примерот!“, објави еко – движењето За почиста Македонија.
Акцијата беше спроведена во понеделникот. Останува да се види колку долго просторот останал чист.