Свет
(Видео) Ураганот Милтон стигна до Флорида, предизвикувајќи огромни штети на населби, а се јавуваат и информации за загинати
Според видеата објавени на социјалните мрежи, се гледаат оштетени покриви на куќи, а автомобилите изгледаат како да учествувале во сообраќајна несреќа
Ураганот Милтон на Флорида пристигна околу 2 часот по полноќ по локално време, со ветрови од 200 километри на час. Најмногу е погоден округот Сент Луси на Атлантикот на Флорида, каде има најмалку двајца загинати, пренесува Еј-би-си њуз.
Според шерифот на овој округ Кит Пирсон, повеќе од 100 станбени објекти се уништени, а повеќе од милион домови на Флорида останаа без струја.
Повеќе од 100 илјади лица се сместени во центрите за евакуација низ Флорида, каде има капацитет на сместување на околу 220 илјади легла.
Екстремни дождови паднаа во областа Тампа, каде се закануваат катастрофални поплави, а ситуацијата во Неапол и Форт Мајерс е лоша.
Властите во Флорида рекоа дека е предоцна за евакуација и ги упатија луѓето во засолништа.
Според последните информации од американскиот национален центар за урагани, издадени се повеќе од 120 предупредувања во областа на Флорида.
Видеата и снимките од последиците на ураганот, како што пренесуваат американските медиуми, изгледаат застрашувачки.
More Port Salerno tornado damage in Martin County pic.twitter.com/LuewAlj9UO
— Yianni Kourakis (@WPBF_Yianni) October 9, 2024
Avenir neighborhood in Palm Beach Gardens @NWSMiami #florida #milton pic.twitter.com/qnotrsSE27
— Brooke Silverang (@WPBF_BROOKE) October 9, 2024
Се гледаат оштетени покриви на куќи, а автомобилите изгледаат како да учествувале во сообраќајна несреќа.
Припадниците на Националната гарда на Флорида и локалните полициски службеници се на терен за да им помогнат на жителите.
Експертите за „Асошиејтед прес“ изјавија дека појавата на торнада пред и за време на ураганите не е невообичаена, но дека и моќта на торнадата може да биде силна и разорна.
„Ураганите создаваат торнада, но тие обично се слаби. Она што го видовме денеска е многу поблиску до она што го гледаме во Големите Рамнини во пролет, дел во Северна Америка каде климатските услови често предизвикуваат силни торнада, со брзина на ветерот од 250 километри на час“, рече професорот по метеорологија на Универзитетот во Северен Илиноис, Виктор Џенсини.