Култура
„Андалузиски пес“ на Буњуел го отвора четвртото издание на Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотека
„Андалузиски пес“ во режија на Луис Буњуел, едно од највлијателните дела во историјата на кинематографијата на 10 септември ќе го отвори четвртото издание на Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотека на Македонија.
Проекцијата на филмот има музичка придружба во изведба на пијанистот Милош Станојевиќ, еминентен српски пијанист и добитник на повеќе награди на државни натпревари во Србија.
Една од најиконичните сцени во историјата на киното – кога млад човек сече око со брич, паралелно со слика на облак што „сече“ Месечина, со која почнува филмот, е пример за иновативност и креативност, бидејќи „Андалузиски пес“ не е само филм, туку искуство кое продолжува да инспирира и кое и денес останува актуелно и провокативно.