Македонија

АМСМ: Сообраќајот нормализиран, внимание на делниците со одрони

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива без поголеми пречки, по претежно суви коловози, а фреквенцијата надвор од градските средини е умерена. Од Авто-мото сојузот на Македонија информираат дека на граничните премини од македонска страна во моментов нема значителни задржувања за влез и излез од државата.

Иако состојбата на патиштата е стабилна, од АМСМ потсетуваат дека до 15 март 2026 година останува во сила обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, независно од временските прилики.

Возачите се советуваат да бидат особено внимателни на делниците низ клисури, долини и котлини, каде е можен појав на одрони. Како поризични се издвојуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Одредени патишта и натаму се под времен или сезонски режим. Делницата Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица ќе остане затворена за сообраќај до 31 март 2026 година.

Во тек се и повеќе инфраструктурни зафати. На Коридор 10, на потегот Прилеп – Битола, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат Р1101. Работи се изведуваат и на дел од скопската обиколница, на државниот пат А2, каде левата лента е затворена, а возилата се движат по останатите две ленти.

На експресниот пат Крива Паланка – Страцин во дневните часови се применува рачна регулација поради градежни активности, додека ноќе сообраќајот се контролира со семафор. Времен режим е воспоставен и на делницата Гостивар – Стража, кај мостот на реката Вардар, каде се врши санација со наизменично пропуштање возила.

Поради реконструкција, затворени се и поединечни регионални патишта, меѓу кои делницата Прилеп – Крушево – Сладуево, каде сообраќајот се одвива по алтернативни насоки согласно поставената сигнализација. Работи се изведуваат и на автопатот А4 кон граничниот премин Блаце, како и на правците Подмоље – Охрид и Кичево – Охрид, каде има девијации.

Надлежните апелираат возачите доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ја приспособат брзината на условите на патот, со цел безбедно одвивање на сообраќајот.

Тагови

Поврзани вести