Природа

8 места во светот каде што може од безбедно да се гледа течење на лава

Искачување на активен вулкан не е за секого. Теренот е тежок, температурите нагло се менуваат, а секогаш постои и ризик од ерупција. Сепак, во најголем дел од случаите опасноста е строго контролирана, а глетката – лава што се слева кон океанот или се издига во воздух – е нешто што ретко се заборава.

Лавата, жешката растопена карпа што излегува од вулканите, е еден од највпечатливите природни феномени – секако, ако се гледа од безбедна оддалеченост.

На Земјата има околу 1.500 потенцијално активни вулкани. До повеќето е тешко да се стигне, но има и такви што се достапни за посетители. Ова се осум места каде што луѓето можат релативно безбедно да ја видат лавата во живо.

1. Национален парк „Вулкани“, Хаваи

На Големиот остров на Хаваи се наоѓа еден од најпознатите вулкански паркови во светот. Тука се сместени два активни вулкани, меѓу кои и Килауеа – еден од најактивните вулкани на планетата.

Кога Килауеа е активен, ерупциите најчесто се мирни, а посетителите можат да ја гледаат портокалово-црвената лава како се слева во Тихиот Океан од специјално обележани и безбедни точки. Во паркот има организирани пешачки тури, пловидби со брод, па дури и хеликоптерски летови за подобар поглед.

2. Ерта Але, Етиопија

Ерта Але е најактивниот вулкан во Етиопија и често го нарекуваат „пекол на Земјата“. Патувањето до него е тешко – низ пустина, ветер и песок – а последниот дел води преку полиња од зацврстена лава.

Пешачењето до кратерот се прави ноќе поради екстремната жештина преку ден. Таму се наоѓа едно од ретките езера од лава во светот, кое врие и свети веќе повеќе од еден век. Иако глетката е спектакуларна, регионот е политички нестабилен и посетата носи одредени ризици.

3. Нирагонго, Демократска Република Конго

Овој вулкан го има најголемото езеро од лава во светот. Познат е по исклучително течната лава, која се движи многу брзо. Во минатото, неговите ерупции предизвикале сериозни човечки жртви и уништување.

И покрај опасноста, организирани тури им овозможуваат на посетителите да се искачат до кратерот за четири до седум часа. Интересно е што, иако се наоѓа во Африка, на врвот знае да биде многу студено.

4. Етна, Италија

Етна е највисокиот и најактивниот вулкан во Европа и една од најголемите туристички атракции во Италија. До него може да се стигне со автомобил, жичница, автобус, велосипед или пеш.

Вулканот има долга историја на ерупции, документирани уште од античко време. На многу места може да се видат стари, зацврстени текови од лава кои стигнале до населени места. Повремено, од пониските делови на планината може да се забележи и свежа, бавно движечка лава.

5. Пакаја, Гватемала

Пакаја е активен вулкан кој речиси постојано е во ерупција од 1960-тите наваму. Неговата близина до главниот град го прави многу популарен меѓу туристите.

До вулканот се стигнува со кратка пешачка тура или дури и со коњ. Откако ќе се стигне горе, лавата е толку блиску што некои посетители буквално печеле маршмелоу над неа. Речиси секоја посета гарантира некаква вулканска активност.

6. Виљарика, Чиле

Виљарика е постојано активен вулкан кој се издига над истоимено езеро и град. Во кратерот има мало езеро од лава, а последната голема ерупција предизвика масовни евакуации.

Посетителите можат да се приклучат на организирани пешачки тури до кратерот или да го разгледаат вулканот од хеликоптер. Пешачењето е напорно, а во зима може да биде и лизгаво поради мраз.

7. Планината Јасур, Вануату

Оваа островска држава во Пацификот е позната по вулканската активност. Јасур е еден од најактивните вулкани во регионот и еруптира со кратки, силни експлозии, кои ноќе создаваат впечатлив светлосен ефект. Поради постојаното светкање, го нарекуваат и „Светилникот на Пацификот“.

До вулканот се стигнува со кратка прошетка, што го прави еден од најдостапните активни вулкани во светот.

8. Сакураџима, Јапонија

Сакураџима се наоѓа во заливот на јапонскиот град Кагошима и е еден од најактивните вулкани во земјата. Порано бил остров, но со текот на времето е поврзан со копното преку зацврстена лава.

Ерупциите се чести и вклучуваат исфрлање пепел, лава и дури и вулкански молњи. Најбезбедно е да се набљудува од официјалните видиковци или од траектот што редовно сообраќа до вулканот.

Тагови

Поврзани вести