ЕдукацијаПрирода

Осум интересни факти за Кралската Кобра

Кралската кобра е една од најимпресивните, но и најопасните змии на светот. Таа е најдолгата отровна змија што постои, се храни претежно со други змии и во природата може да живее со децении, бидејќи речиси и да нема природни непријатели. Најчесто ја среќаваме во дождовните шуми и мочуриштата на Азија, каде што ѝ одговара густа вегетација – бамбусови шуми и мангрови.

Еве осум интересни факти што откриваат дел од мистериозниот свет на оваа моќна змија.

1. Најдолгата отровна змија на планетата

Иако постојат стотици видови отровни змии, кралската кобра нема конкуренција кога станува збор за должината. Возрасен примерок најчесто достигнува меѓу 3 и 4 метри, а може да тежи и до 9 килограми. Кога ќе се исправи, кобрата може да биде „очи во очи“ со човек со просечна висина. Забележан е и рекорден примерок долг околу 5,5 метри. За споредба, питонот – најдолгата неотровна змија – може да достигне и до 6 метри.

2. „Качулката“ всушност се ребра

Кога се чувствува загрозено, оваа змија ја раширува препознатливата качулка околу главата. Иако изгледа како кожен набор, качулката всушност е составена од издолжени ребра и мускули што кобрата свесно ги шири. Со тоа изгледа поголема и поопасна, додека шушка и се исправува за да го одврати напаѓачот.

3. Отров што го напаѓа нервниот систем

Отровот на кралската кобра е невротоксичен, што значи дека директно делува врз нервниот систем. Иако количината на отров при каснување не е голема, таа е доволна за да предизвика парализа. Кај луѓето, без брза медицинска помош, последиците можат да бидат фатални за многу кратко време. Дури и големи животни, како слонови, можат да умрат по неколку часа.

4. Се храни со други змии

Кралската кобра е вистински „змијојад“. Најголем дел од нејзината исхрана се состои од други змии, дури и отровни. Нејзиниот дигестивен систем е прилагоден да го неутрализира отровот на пленот. Понекогаш ќе изеде и глодар или птица, но тоа е исклучок. Бидејќи нема заби за џвакање, пленот го голта целосно, а вилиците можат значително да се рашират. Интересно е што може да преживее со месеци, па дури и со години без храна.

5. Единствената змија што гради гнездо

Кралската кобра е единствената змија што активно гради гнездо. Женката, најчесто во пролет, собира лисја и гранчиња и создава засолниште за јајцата – понекогаш и до 50. Таа останува покрај гнездото со месеци, чувајќи го сè додека не се изведат младите. Штом ќе се родат, малите кобри се целосно самостојни и веќе можат да самостојно да се хранат.

6. Мангустата е нејзин најголем противник

И покрај целата своја моќ, кралската кобра има еден сериозен противник – мангустата. Ова мало цицачe е отпорно на отровот на многу змии и е доволно брзо за да ја избегне кобрата и да возврати. Мангустата не ја лови намерно, но ако биде нападната, знае успешно да се одбрани.

7. Се брани и со звук

Покрај шушкањето, кралската кобра испушта и длабок, низок звук, сличен на ржење. Тоа го прави со полнење на белите дробови и бавно исфрлање на воздухот. Со овој „предупредувачки сигнал“ таа се обидува да го одврати напаѓачот пред да дојде до напад. Инаку, повеќе сака да побегне отколку да се впушти во борба, а може да се движи со брзина до 20 километри на час.

8. Живее изненадувачки долго

Во дивина, кралските кобри можат да живеат и повеќе од 20 години. Поради тоа што не им треба многу храна или вода, добро се прилагодуваат на тешки услови. Сепак, и покрај тоа што се на врвот на синџирот на исхрана, денес се сметаат за ранлив вид, најмногу поради уништување на живеалиштата и човечка активност.

Тагови

Поврзани вести