Култура
166 години од „Сердарот“: Охрид му оддава почит на Прличев
Денес се одбележуваат 166 години од големиот успех на Григор С. Прличев, кој во 1860 година ја освоил првата награда на книжевниот конкурс во Атина со поемата „Сердарот“, по што го добил епитетот „Втор Хомер“.
По тој повод, НУ Библиотека „Григор Прличев“ реализира проект под наслов „Калдрмата шепоти за Прличев“. Во активностите се вклучени десет ученици од шесто одделение од основното училиште што го носи името на поетот.
Учениците најпрво ќе се запознаат со животот и творештвото на Прличев во просториите на библиотеката, а потоа ќе ја посетат неговата Спомен-куќа. Во рамки на прошетката низ стариот дел на Охрид, ќе добијат информации и за други значајни културно-историски објекти, информира носителот на проектот, библиотекарката Весна Симоновска.
Во чест на јубилејот, Културниот центар „Култ“ од Охрид, во соработка со библиотеката, организира и проекција на документарниот филм „По стапките на Прличев“, во режија на м-р Милчо Јованоски.
Филмот има за цел да го претстави животниот пат и творештвото на Прличев и да го доближи неговото дело до пошироката публика.
Проекцијата е бесплатна и отворена за сите заинтересирани, а ќе започне во 13:30 часот.
Снимањето на документарниот филм е поддржано од Општина Охрид. Камерата ја водеше Емил Јовановиќ, додека постпродукцијата ја реализираше Сандра Јовановиќ. Филмот е изработен од продукцијата LOVE & LIFE STUDIO од Охрид.



