Култура

Откриен скелет во Мастрихт – дали станува збор за познат мускетар?

Во црква во холандскиот град Мастрихт е откриен човечки скелет за кој постојат сомнежи дека би можел да му припаѓа на францускиот мускетар Шарл де Батс де Кастелмор, познат како д’Артањан.

Станува збор за историска личност и блисок соработник на кралот Луј XIV, кој загинал во 1673 година за време на опсадата на Мастрихт, кога француската војска се обидувала да го освои градот.

Се претпоставува дека по неговата смрт, телото не било пренесено во Франција, туку било погребано во близина на местото на борбите. Во тоа време, француските сили имале камп во близина на селото Валдер, недалеку од градот.

Остатоците биле пронајдени при реставрација на црквата, откако дел од подот се срушил. Скелетот се наоѓал под поранешниот олтар – место кое, според историските практики, било резервирано за важни личности.

Дополнителен показател е и пронајдената француска монета покрај скелетот, што ја засилува претпоставката за неговиот идентитет.

Од остатоците е земен ДНК примерок, кој ќе биде анализиран и спореден со потенцијални потомци на семејството Де Батс. Сепак, експертите предупредуваат дека е рано за конечни заклучоци сè додека не се добијат резултатите.

Д’Артањан останува познат како историска фигура, но и како литературен лик кој стекна светска слава преку романот „Тројцата мускетари“ од Александар Дима.

Тагови

Поврзани вести