Забава
Три раси на кучиња кои не се добри за семејства со деца

Професионален тренер на кучиња,Гарет Винг, кој е и основач на компанијата „Американ стандард дог трејнинг („American Standard Dog Training“), една од најпознатите школи за обука на кучиња во САД, откри кои три раси никако не би им ги препорачал на просечните сопственици на кучиња.
„Винг, кој има повеќе од 20-годишно искуство во обуката на полициски кучиња за службени задачи и натпревари, објасни дека одредени раси се целосно несоодветни за семејства или претставуваат голем предизвик дури и за искусните сопственици“, напиша Нова.рс.
„Јутјуб“ каналот на Винг, што го следат повеќе од 2,5 милиони луѓе, наведе дека меѓу нив постои дури и раса која е способна да „убие глутница волци“. Дресерот на кучиња откри три раси кои никогаш не би ги имал, нагласувајќи дека се агресивни и создаваат непријатно, вознемирувачко чувство. Тој издвои три големи раси на кучиња кои потенцијалните сопственици можеби би требало да ги избегнуваат.
Расата која никогаш не би ја препорачал како професионален тренер на кучиња е тибетскиот мастиф. Според него тибетскиот мастиф е вистинско „чудовиште“ кое е способно да убие цела глутница волци. Исто така се познати по тоа што се многу тврдоглави и тешки за дресура. Иако ги опишува како „прекрасни и нежни кучиња“ кои можат да бидат фантастични сопатници, Винг предупредува дека тие целосно ќе ви го променат начинот на живот.

Тој не би ја препорачал и германската дога. Сопствениците на оваа раса често мораат да го реорганизираат целиот дом, да купат огромен транспортер и внимателно да го планираат распоредот на мебелот, но и местата каде кучето ќе престојува надвор. Според него, станува збор за голема раса која не „припаѓа“ во сечиј дом.

А најмалку препорачлив е кане корсо. Оваа италијанска раса на мастиф е позната како куче чувар на стока, а некогаш се користела за терање говеда и лов на крупен дивеч. Дресерот смета дека оваа раса не е добар избор за семеен живот.

– Расата која најмалку ја препорачуваме на семејствата е кане корсо. Како дресер и сопственик на оваа раса, советувам да се избегнуваат овие кучиња. Тие се буквално како „тенкови“ за борба и такво куче не ви треба во мирен семеен дом, заклучи Гарет. (МИА)



