Забава

Традиција и спорт: Венецијанскиот карневал со олимписка приказна

Од 31 јануари до 17 февруари, градот на каналите ќе пулсира во знакот на една од најпрепознатливите манифестации во светот. По тематските изданија посветени на Марко Поло и Џакомо Казанова, годинава фокусот се насочува кон олимпискиот дух.

Причината е јасна – Италија е домаќин на Зимските олимписки игри, чие свечено отворање е закажано за 6 февруари во Милано и Кортина д’Ампецо. Во таа насока, карневалот го носи мотото „Олимп – Во зората на играта“, со кое се испреплетуваат спортот, уметноста и митологијата, како и идејата за рамнотежа меѓу телото и духот. Организаторите истакнуваат дека темата се надоврзува и на античките корени на натпреварувањето, но и на традициите на старата Венеција, каде карневалите некогаш биле место за јавни игри, вештини и надметувања.

Манифестацијата, чии почетоци датираат уште од 12 век, и годинава добива богата и динамична програма. Карневалските случувања започнуваат со голем уличен спектакл – деветто издание на прославата на циркуската уметност, со акробати, жонглери, паради, спортски активности и интерактивни настапи. Настаните ќе се одвиваат на плоштадите во историското јадро на Венеција, во Местре, на островите во лагуната, како и во други градови од регионот Венето.

Премиерната програма ќе биде повторена на 1 февруари, а карневалската атмосфера ќе продолжи на 7 и 8 февруари, потоа на 12 февруари, па секојдневно до завршницата на 17 февруари. Во рамки на уличниот карневал ќе учествуваат над 350 уметници и околу 80 трупи, со близу 1.000 изведби. Според најавите, годинашното издание навистина ќе наликува на вистинска олимпијада на радоста и забавата.

Тагови

Поврзани вести