Свет

Трагедија на аеродром во Њујорк: загинаа пилот и копилот по судир со возило

Трагичен инцидент се случи на аеродромот Ла Гвардија во Њујорк, каде што авион на Ер Канада по слетувањето се судрил со службено возило на Пристанишната управа. Според информациите објавени од CNN, во несреќата животот го загубиле пилотот и копилотот, додека две лица се повредени.

Судирот се случил доцна во вечерните часови, околу 23:40, кога леталото управувано од компанијата „Џез Авиејшн“, која оперира за Ер Канада, се судрило со возило за итни интервенции. Возилото било дел од службите за спасување и гаснење пожар и било испратено на друга интервенција во рамки на аеродромот.

Од Пристанишната управа на Њујорк и Њу Џерси информираат дека веднаш биле активирани сите безбедносни и итни протоколи, по што аеродромот бил привремено затворен за да се овозможи непречена реакција на службите и почеток на истрага.

Повредените лица се наоѓале во службеното возило, кое претходно добило дозвола за движење на пистата и било упатено кон друг авион што пријавил проблем – непознат мирис во пилотската кабина.

Иако официјални детали за состојбата на повредените сè уште нема, фотографиите и видеата од местото на несреќата укажуваат на сериозни оштетувања на предниот дел од авионот.

Од компанијата „Џез“ го потврдија инцидентот, наведувајќи дека станува збор за лет 8646 од Монтреал. Според првичните информации, во авионот имало 72 патници и четворица членови на екипажот.

Истрагата за причините на несреќата е во тек.

Тагови

Поврзани вести