Свет
Талибанските власти воведуваат построги санкции за бричење на брадите
Талибанските власти во Авганистан воведоа нови, построги мерки според кои берберите што на мажите им ги бричат брадите може да завршат во затвор.

Според новите правила, фризерите што ќе ја прекршат забраната се соочуваат со казна до 15 месеци затвор и ќе им бидат предадени на талибанските правосудни органи. Казниви се и фризурите во „западњачки стил“, а сето тоа се спроведува во согласност со талибанскиот Закон за промовирање доблести и спречување пороци. Иако бричењето бради и претходно беше забрането, досега не повлекуваше затворска казна, пишува Телеграф.
Тој наведе и пример на студент од неговото место кого талибански припадници го претепале затоа што имал избричена коса од страните и долга одозгора. „Му ја исекоа долгата коса со ножици за да го понижат и да предупредат дека секој што ја крши авганистанската култура ќе биде казнет“, додаде тој.
Новите закани тешко ги погодија берберите, кои стравуваат за својата егзистенција и живот. Еден бербер од Балх раскажа дека многу клиенти сега бараат да ги посетува дома, но и тоа е исклучително опасно. „И тоа е ризично“, рече тој. „Ако ме најдат како некому му ја потстрижувам брадата, талибанците ќе ме убијат.“
Последиците веќе се видливи и во работењето. „Младите повеќе не доаѓаат во дуќанот, а ако ова продолжи, ќе морам да го затворам. Приходот ми падна за 70 отсто овој месец. Имам болни родители дома и не можам да ги платам долговите“, се пожали тој.
Дека не станува збор за празни закани потврдува и еден неодамнешен случај од покраината Парван, каде што талибанските морални патроли минатата недела привеле осум бербери поради бричење или стилизирање бради. Нивните дуќани биле запечатени, а на семејствата им било кажано дека ќе останат во притвор еден месец.


