Економија

Сѐ помал интерес за нови станови во Скопје: Се очекува драстичен пад на цените на квадратот

Пазарот на недвижности во главниот град влегува во фаза на забавување, по неколку години континуиран раст на цените и интензивна изградба. Според информации од агенции за недвижности, градежни компании и економски аналитичари, продажбата на нови станови во Скопје бележи значителен пад во последните месеци, а сè погласни се прогнозите дека следува корекција и намалување на цените по квадратен метар.

Во повеќе скопски општини, особено во Центар, Аеродром, Карпош и Кисела Вода, инвеститорите сè потешко наоѓаат купувачи за новоизградените станови. Дел од зградите кои до пред една година се продаваа уште во фаза на темели, денес остануваат со непродадени станови и по завршувањето на изградбата.

„Пазарот влезе во период на заситување. Цените достигнаа ниво кое голем дел од граѓаните веќе не можат да го следат, особено со актуелните каматни стапки и високите трошоци за живот“, велат познавачи на пазарот.

Во изминатите неколку години цената на квадратен метар во делови од Скопје достигна и до максимални 2.000 евра, што претставуваше историски максимум за македонскиот пазар. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ваквиот раст не бил одржлив на долг рок, особено во услови кога куповната моќ на населението стагнира.

Според податоците од агенциите за недвижности, бројот на реализирани купопродажби е значително намален во споредба со истиот период лани. Сè повеќе граѓани го одложуваат купувањето, очекувајќи пад на цените, додека дел од инвеститорите веќе почнуваат да нудат попусти, гратис паркинг места или можност за плаќање на рати без камата.

Во јавноста, пак, паралелно се води агресивна медиумска кампања со која се создава впечаток дека цените на становите ќе продолжат вртоглаво да растат. Во последниот период зачестија платени текстови и анализи во кои се пласираат тврдења дека на македонскиот пазар на недвижности наводно влегуваат големи странски инвестициски фондови и дека квадратот во Скопје наскоро ќе достигне „астрономски“ вредности. Дел од економските аналитичари сметаат дека ваквите објави имаат за цел вештачки да ја одржат паниката кај купувачите и да создадат чувство дека „сега е последен момент“ за купување стан.

„Реалната состојба на терен покажува сосема поинаква слика – намалена побарувачка, слаба продажба и сè поголем број непродадени станови. Приказните за масовен влез на странски фондови засега не се гледаат во реалните трансакции и повеќе личат на маркетиншка пропаганда отколку на вистински економски тренд“, коментираат дел од познавачите на пазарот.

Економските експерти оценуваат дека доколку трендот на слаба продажба продолжи и во наредниот период, неизбежно ќе дојде до намалување на цените на недвижностите. Според нив, пазарот веќе покажува знаци на корекција, а првичното намалување најверојатно ќе се случува преку скриени попусти и пофлексибилни услови, пред официјално да се намалат цените по квадрат.

„Кога понудата расте, а побарувачката паѓа, логично е да следува ценовен притисок. Во моментов во Скопје има голем број нови станбени проекти, но значително помал број реални купувачи“, посочуваат економисти.

Дополнителен фактор е и идното енормно зголемување на данокот на имот, иселувањето на младите, намалената економска сигурност и сè потешкиот пристап до станбени кредити. Банкарскиот сектор останува внимателен, а дел од граѓаните се воздржуваат од долгорочни задолжувања во неизвесна економска клима.

Иако дел од инвеститорите веруваат дека цените ќе се стабилизираат, на терен веќе се чувствува промена на динамиката. Пазарот кој до неодамна беше во експанзија, сега полека влегува во период на стагнација, а според дел од аналитичарите – и во почеток на поголем пад на цените на становите во Скопје.

Тагови

Поврзани вести