Култура

Словенечката претстава „Амадеус“ во режија на Александар Поповски на 1 април во МНТ

Претставата „Амадеус“, во режија на македонскиот театарски автор Александар Поповски и во продукција на Словенското народно гледалишче од Марибор, ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар на 1 април.

Од МНТ посочуваат дека гостувањето е дел од продолжената програма со која театарот го одбележува јубилејот – 80 години од првата изведена претстава во 1945 година. По минатогодишната централна прослава, годинава акцентот е ставен на меѓународни соработки и присуство на реномирани автори од европската театарска сцена.

„Со ваквите гостувања ја потврдуваме традицијата, но и современата насока на МНТ – отвореност кон светот и уметничка размена со значајни театарски куќи“, велат од театарот.

Александар Поповски важи за еден од најистакнатите македонски режисери со богата меѓународна кариера. Во своето портфолио има повеќе од 70 театарски проекти реализирани низ Европа, а од сезоната 2018/2019 ја извршува функцијата уметнички директор на Драмата при СНГ Марибор. Претставата „Амадеус“ својата премиера ја имаше во 2024 година.

Словенскиот ансамбл ќе настапи во Скопје со уште едно дело. На 3 април публиката ќе може да ја погледне монодрамата „Безгрешна“, инспирирана од романот „Маријиниот завет“, како почит кон режисерот Томаж Пандур, кој почина во Скопје во 2016 година за време на подготовка на театарска претстава.

Роденденските активности на МНТ започнуваат на 30 март со стендап-настапот „Шоубиз“ на српскиот актер Никола Ѓуричко, а ќе кулминираат на 4 април со изведбата на „Другата страна“, продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица.

Тагови

Поврзани вести