Култура
По три децении, се реставрира „Страшниот суд“ од Микеланџело

Една од највпечатливите фрески на ренесансата – „Страшниот суд“ на Микеланџело, сместена во Сикстинската капела – ќе биде подложена на реставрација првпат по изминати 30 години, соопштија од Ватикан.
Според официјалното соопштение, интервенцијата има за цел внимателно да се обноват боите и светлосниот ефект на делото, приближувајќи го изгледот на фреската до оригиналната визија на уметникот. Процесот ќе трае околу три месеци и ќе се фокусира на отстранување на насобраните честички и нечистотии кои со години го затемнувале површинскиот слој.
И покрај реставраторските зафати, Сикстинската капела – едно од најпосетуваните културни и религиозни места во светот и традиционално место на папската конклава – ќе остане отворена за јавноста. Фреската ќе биде делумно покриена со скелиња, а посетителите ќе можат да ја погледнат нејзината репродукција.
Од Ватикан појаснуваат дека другите ремек-дела во капелата, меѓу кои и прочуеното „Создавањето на Адам“, нема да бидат засегнати и ќе останат достапни за посетителите за време на реставрацијата.



