Култура
Историско откритие: дел од црква од 6 век пронајден во Бислимската Клисура
Ранохристијанската црква на локалитетот Градиште во Бислимската Клисура потекнува од 6 век, но археолошките наоди укажуваат дека на просторот постоеле и постари градбени фази.

Засега нема прецизни податоци до кој период објектот бил во употреба, прашање на кое археолозите очекуваат одговор во идните истражувачки кампањи.
Според стручните лица од Музејот во Куманово, тврдината во Бислимската Клисура претставувала значајна и долготрајна населба, со улога на регионален центар во кумановскиот крај за време на доцната антика. Во изминатите два месеца, археолошкиот тим спроведе систематски ископувања на црквата, лоцирана кај селото Пчиња, при што беа откриени нови архитектонски елементи. Истражувањата се реализираа во ноември и декември, под раководство на археологот Дејан Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски објаснува дека сондите биле прецизно поставени, според претходните анализи на снимките направени со ЛИДАР и ГПР и преку анализа на теренската ситуација.
– Сите анализи укажуваа за добро сочуван краен (западен ѕид) на црквата и можно постоење на анекс од јужната страна. Поставивме сонда и во внатрешноста на црквата. Се потврдија нашите претпоставки. Црквата била долга 20 метри, широка 10,5 метри, а на западната страна имала и нартекс што го откривме оваа година. Нартексот е долга 10,5 м., а широка 3,4 м. – објаснува Ѓорѓиевски.

Западниот ѕид на нартексот е сочуван во висина од 1,7 м., а во него се влегувало од јужната страна преку посебна просторија – анекс, кој археолозите го откриле кон крајот на ископувањата. Засега не ја знаат точната функција и големина на црквата. И тоа ќе го истражуваат во следните години.
– Во централниот дел на црквата, покрај северниот стилобат, откривме поголем фрагмент од декориран камен со благо закривување, кој најверојатно го претставува горниот дел од амвонот – издигнато место за проповед за свештеникот, на кое се стигнувало по скали. Неговата точна локација ќе ја бараме во наредните истражувања – вели Ѓорѓиевски.
Според него, новооткриените елементи на црквата – нартекс, анекс и амвон, покажуваат дека воопшто не се работи за некоја мала градба во мала населба.
– Напротив, развиената архитектура зборува за потреба од развиен литургиски чин на кој присуствуалe повеќе луѓе. Сето ова кажува дека тврдината во Бислимска Клисура била развиена населба, своевиден регионален центар во кумановската област во периодот на доцната антика – вели Ѓорѓиевски.
Ископувањата се целосно финансирани од Министерството за култура и туризам.




