Македонија

Скопје добива 3.300 нови контејнери, следуваат нови камиони за смет и автобуси

Во Скопје во следните седум до десет дена треба да започне поставувањето на 3.300 нови контејнери за отпад, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостување на 4ТВ.

Според Ѓорѓиевски, новите контејнери се набавени по двојно пониска цена во споредба со претходните набавки, а нивното поставување треба да биде првата позабележителна промена на терен во подобрувањето на комуналната хигиена во главниот град.

Недостигот од камиони останува најголем проблем

Еден од главните проблеми со собирањето на отпадот, според градоначалникот, е недоволната механизација на ЈП „Комунална хигиена“.

Во моментов на терен функционираат околу 50 камиони за собирање смет, додека претходно на располагање имало околу 70. Ѓорѓиевски призна дека со постојниот број возила не може целосно и навремено да се опслужува целиот град и им се извини на скопјани за доцнењата при собирањето на отпадот.

Како решение е најавена набавка на нови камиони, чие пристигнување се очекува по одлука на Владата и итна седница на Советот на Град Скопје.

Повеќе автобуси на улиците, се очекуваат и нови

Промени се најавуваат и во јавниот превоз. Според Ѓорѓиевски, во моментов низ Скопје сообраќаат повеќе од 200 автобуси, што е за околу 50 повеќе во споредба со претходниот период.

Тендерската постапка за набавка на нови автобуси е завршена, со што треба да започне постепено обновување на дотраениот возен парк на ЈСП Скопје.

Градоначалникот наведе и дека во ЈП „Комунална хигиена“ и во ЈСП биле остварени заштеди од по околу половина милион евра за гориво.

Првата конкретна промена што граѓаните треба да ја забележат ќе бидат новите 3.300 контејнери, чие поставување, според најавата на Ѓорѓиевски, треба да започне во наредните десетина дена.

Тагови

Поврзани вести