Економија

Се очекува раст на цените на авионските билети

Глобалната авиоиндустрија повторно се наоѓа под сериозен притисок, соочувајќи се со најтешките предизвици по пандемијата на коронавирусот. Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток веќе доведе до масовни откажувања и пренасочувања на летови, значителен пад на вредноста на авиокомпаниите и растечки ризик од недостиг на гориво, анализира „Фајненшл тајмс“.

Со влегувањето на кризата во четвртата недела, водечките луѓе од индустријата предупредуваат дека последиците допрва ќе се чувствуваат. Покрај безбедносните предизвици, секторот е погоден и од растот на цените на нафтата, нарушената работа на клучни аеродроми во регионот на Заливот и можниот пад на интересот за патувања на глобално ниво.

Еден од највидливите ефекти за патниците ќе бидат поскапите авионски билети. Авиокомпаниите се соочуваат со нагло зголемување на цената на млазното гориво, кое учествува со околу една третина во нивните трошоци. Од почетокот на воените дејствија минатиот месец, цените значително пораснале и продолжуваат да растат, што директно влијае врз конечната цена за патниците.

Иако дел од превозниците имаат стратегии за заштита од ценовни шокови, актуелниот скок на цените се покажува како преголем товар. Многу компании веќе најавуваат корекции на цените како единствен начин да го зачуваат профитот.

Според извршниот директор на easyJet, Кентон Џарвис, сегашната ситуација ја надминува дури и кризата со цените на горивата по 2022 година. Тој оценува дека ова е најсилниот удар за индустријата од 2020 година, кога пандемијата речиси целосно го запре воздушниот сообраќај.

Загриженоста се рефлектира и на финансиските пазари. Вредноста на водечките светски авиокомпании бележи значителен пад од почетокот на конфликтот, а инвеститорите сè повеќе се подготвуваат за дополнителни турбуленции.

Оваа нова криза доаѓа веднаш по периодот на закрепнување, кога зголемената побарувачка донесе рекордни приходи за дел од компаниите. Сепак, сега се поставува прашањето дали патниците ќе можат да ги поднесат повисоките цени.

Првиот човек на Lufthansa, Карстен Шпор, предупредува дека просторот за апсорбирање на трошоците е минимален. Според него, со просечен профит од околу 10 евра по патник, компаниите немаат друг избор освен да ги префрлат дополнителните трошоци врз клиентите.

Тагови

Поврзани вести