Забава
Само 5 минути дневно: Мала прошетка – голема добивка за вашето здравје

Во свет каде што сè е побрзо, а времето сè пократко, здравјето сè почесто останува на крајот од листата на приоритети. Но, според група кардиолози, дури и само пет минути физичка активност дневно може да направи голема разлика за вашето срце, мозок и општа добросостојба.
Иако долготрајното седење и лошата исхрана имаат сериозни здравствени последици, лекарите истакнуваат дека дури и мали навики можат да имаат значајно позитивно влијание – доколку се практикуваат редовно.
Прошетката како лек
Кардиолозите за американскиот портал Parade ја издвојуваат кратката дневна прошетка како едноставна, но исклучително корисна навика.
Д-р Шан Куршид предупредува:
„Седечкиот начин на живот го зголемува ризикот од срцеви заболувања, дури и кај оние кои вежбаат редовно. Затоа е важно да се вметнат мали движења низ целиот ден, а не само да се потпираме на тренинзи.“
Според него, дури и кратка прошетка во текот на работниот ден може да го подобри кардиоваскуларното здравје, циркулацијата и да ја намали напнатоста.
Добро за телото, уште подобро за умот
Професорката по кардиологија, д-р Ерика Спец, додава дека пет минути физичка активност имаат ефект не само врз телото, туку и врз менталното здравје.
„Во текот на работниот ден одам на кратка прошетка, дури и ако е само до автоматот за кафе. Ако не можам да излезам, правам неколку едноставни вежби зад биро“, вели таа.
Физичката активност, објаснува Спец, го регулира лимбичкиот систем – дел од мозокот поврзан со емоциите. Кога е во рамнотежа, луѓето донесуваат покоординирани и рационални одлуки, што е особено важно и во работата и во секојдневниот живот.
Брзо темпо за брзи резултати
Стручњаците препорачуваат да се шета со умерено-брзо темпо – доволно брзо за да се забрза дишењето, но сепак да можете да зборувате во кратки реченици. Ова темпо го активира срцето, ја подобрува циркулацијата и го раздвижува целиот организам.
Совети за оние кои „немаат време“
Ако мислите дека пет минути не можат да се најдат во полн работен ден, кардиолозите нудат едноставни решенија:
-
Скратете состаноци од 60 на 45 минути и искористете ги преостанатите 15 за движење;
-
Искористете телефонски повици за кратка прошетка низ канцеларија или надвор;
-
Наместо лифт, одберете скали;
-
Одете до следната автобуска станица пеш пред да се качите.
„Пет минути може да изгледаат безначајни, но ако ги правите секој ден, тие стануваат силна здравствена инвестиција“, порачува д-р Куршид.
Мал чекор за вас – голем чекор за вашето срце. Почнете денес – само пет минути се доволни.



