ЕКО производи

Научници тестираат ефикасен метод за прочистување на почви загадени со нафта

Истражувачи од Омск во Русија осмислија нов биотехнолошки пристап за прочистување на почви загадени со нафта и нејзини деривати, комбинирајќи природни сорбенти, биолошки средства и дождовни црви.

Според резултатите, оваа метода овозможува намалување на загаденоста за околу 50 до 60 проценти во период од три до четири месеци, додека со активна улога на дождовните црви степенот на прочистување може да достигне и до 90 проценти.

Процесот се спроведува со директно внесување на сорбенти, биолошки препарати и дождовни црви во земјиштето. Технологијата е ефикасна при температура на почвата од најмалку пет степени Целзиусови и при релативна влажност на воздухот од над 60 проценти.

Како апсорбирачки материјал се користи низински тресет, кој има исклучително добра способност да врзува нафтени материи, додека биолошкиот препарат „Тамир“ содржи мешавина од микроорганизми што го поттикнуваат природното разградување на загадувачите.

Централна улога во целиот процес имаат калифорниските дождовни црви од видот Eisenia andrei. Тие покажуваат висока отпорност на нафтено загадување и се одликуваат со брзо размножување.

Покрај тоа што ја разрохуваат почвата, дождовните црви ја зголемуваат микробната активност, со што значително се забрзува распаѓањето на нафтените соединенија.

Методот предвидува постепено додавање на сорбенти и биолошки препарати, по што следува внесување на дождовните црви заедно со органско ѓубриво.

Предност на оваа технологија е нејзината прилагодливост – може да се примени на различни типови почва, како црнозем, глинеста и песоклива, што ја прави употреблива во најголем дел од регионите.

Тагови

Поврзани вести