Економија
Протестите на транспортерите продолжуваат, денеска се очекува решение од ЕУ
Европската комисија, чии земји трпат штета поради неможноста за испорака на стока од Западен Балкан, вчера објави дека денеска ќе ја објави работната верзија на новата стратегија за визи на ЕУ, која треба да предвиди системско решение за професионалните возачи од земјите надвор од Шенгенскиот договор во форма на специјални визи.

Од Авто-мото сојузот на Македонија информираат дека поради протестните активности на камионските превозници, повеќе гранични премини се затворени за товарен сообраќај, како при влез, така и при излез од државата.
Протестите ги организираат здруженијата на транспортни компании од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои и денеска ја продолжуваат блокадата на граничните терминали кон земјите на Европската Унија. Превозниците очекуваат во текот на денот Европската комисија да излезе со решение за проблемот поврзан со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, кое е сведено на 90 дена во период од шест месеци.
Причина за незадоволството е воведувањето на електронскиот систем за евиденција на влез и излез (EES), кој Европската комисија го активираше во октомври 2025 година. Со овој систем строго се следи времетраењето на престојот на возачите во 29 земји од ЕУ и Шенген, што, според превозниците, значително го намалува нивното ефективно работно време. Токму поради тоа, од 26 јануари се блокирани товарните гранични премини меѓу Западен Балкан и Европската Унија.
Од Брисел вчера соопштија дека денеска ќе биде претставена работна верзија на новата визна стратегија на ЕУ, која треба да понуди трајно решение за професионалните возачи од земјите надвор од Шенген, преку воведување посебен вид визи. Оваа најава доаѓа во услови кога земјите-членки веќе трпат последици поради доцнење и прекин на испораките на стоки од регионот.



