Економија

Падот на цените на становите го успори градежниот бум – дозволите за градба се намалија за 27,5 проценти

 

Градежниот сектор покажува знаци на забавување, а инвеститорите стануваат сè повнимателни со започнување нови проекти. Во текот на мај годинава во Македонија се издадени само 340 одобренија за градење, што претставува пад од 27,5 проценти во однос на истиот месец минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Падот на бројот на одобренијата доаѓа во период кога пазарот на недвижности се соочува со забавена продажба, поголема понуда на станови и сè поголема претпазливост кај инвеститорите. Според аналитичарите, неизвесноста околу побарувачката ги тера градежните компании повнимателно да ги планираат новите инвестиции.

И покрај намалениот број на дозволи, со нив е предвидена изградба на 840 нови станови со вкупна корисна површина од 71.561 квадратен метар.

Од вкупниот број издадени одобренија, 229 или 67,3 проценти се за објекти од високоградба, 22 се однесуваат на нискоградба, а 89 дозволи се издадени за реконструкција на постојни објекти.

Податоците укажуваат дека градежната активност постепено го менува темпото, додека пазарот бара нов баланс меѓу понудата и побарувачката. Доколку продолжи намалениот интерес за купување станови, можно е и во наредните месеци инвеститорите да останат претпазливи при започнување нови станбени проекти.ш

Тагови

Поврзани вести