Македонија
Од денеска обука за мотоцикл до 125 кубни сантиметри за возачите со Б категорија
Од денеска граѓаните ќе можат да го користат правото за обука за управување со мотоцикл до 125 кубни сантиметри во автошколи кои имаат лиценца за „А1“ категорија,

Од денеска граѓаните ќе можат да го користат правото за обука за управување со мотоцикл до 125 кубни сантиметри во автошколи кои имаат лиценца за „А1“ категорија, откако Министерството за внатрешни работи ги финализираше сите неопходни предуслови за имплементација на законските измени.
Од МВР информираат дека обуката за управување со мотоцикл од категоријата „А1“ (до 11 kW со автоматски менувач) ќе ја спроведуваат овластени автошколи и ќе трае четири часа.
Обуката ќе опфати теми од значење за безбедноста во сообраќајот, како што се користење на заштитна опрема, контрола и стабилност на мотоциклот, превоз на сопатник и справување со ризици на патот.
Кандидатите, како што наведуваат од МВР, треба да достават лекарско уверение, како и потврда дека немаат забрана за управување со моторно возило од категорија „Б“.
– Доколку лицето кое се стекнало со потврда добие забрана за „Б“ категорија, тоа автоматски повлекува и забрана за управување со мотоцикл со оваа потврда – соопштуваат од Министерството.
Правото за следење на обуката се однесува на лица кои имаат најмалку 23 години и поседуваат најмалку пет години важечка возачка дозвола од категоријата „Б“.
Од МВР потенцираат дека управување со мотоцикл до 125 кубни сантиметри не е дозволено без претходно завршена теоретска обука и издадена потврда од овластена автошкола.



