Економија

Нов напад врз нафтен танкер во Ормуската Теснина, бродот погоден од непознат проектил

Уште еден нафтен танкер е нападнат во Ормуската Теснина, откако бил погоден од „непознат проектил“, соопшти Агенцијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (УКМТО).

Инцидентот се случил во вторникот во стратешки важниот морски проток меѓу Иран и Оман. УКМТО првично не објави прецизна локација на нападот, поради што засега не е познато дали танкерот бил погоден поблиску до иранскиот или до оманскиот брег.

Според агенцијата, членовите на екипажот се безбедни, а засега нема информации за повредени. Не е идентификуван ниту изворот на нападот, ниту кој стои зад него.

Ова е втор пријавен напад врз танкер за само два дена. Во понеделникот УКМТО соопшти за напад врз друг танкер во близина на брегот на Оман.

Новите инциденти дополнително ја зголемуваат неизвесноста околу пловидбата низ Ормуската Теснина, која во услови на конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран стана една од најчувствителните точки за меѓународниот поморски сообраќај.

Иран во голема мера го ограничува сообраќајот низ теснината преку закани и напади врз бродови, што создава сериозна загриженост за безбедноста на трговските маршрути.

Ормуската Теснина има исклучително значење за светската економија, бидејќи преку неа се транспортираат големи количества нафта и природен гас од земјите од Персискиот Залив, како и други производи, меѓу кои вештачки ѓубрива.

Секое подолготрајно нарушување на пловидбата низ овој морски коридор може да влијае врз снабдувањето со енергенси и цените на светските пазари.

Пред почетокот на војната меѓу САД и Иран, Ормуската Теснина беше отворена за меѓународна пловидба, но со ескалацијата на конфликтот протокот се претвори во една од централните точки на воените и геополитичките тензии.

Тагови

Поврзани вести