Свет

Научен пробив: Создадена првата синтетичка клетка што расте и се дели

Научници од University of Minnesota тврдат дека направиле голем чекор кон создавање вештачки живот, откако ја развиле првата синтетичка клетка изградена целосно од неживи компоненти и го следеле нејзиниот целосен „животен“ циклус, вклучително и делбата.

Проектот наречен „Спудсел“ веќе предизвикува огромен интерес во научната јавност, бидејќи претставува значаен исчекор во синтетичката биологија. Сепак, истражувањето сè уште не е официјално објавено и допрва треба да помине низ целосна стручна рецензија.

Истражувачите велат дека овој експеримент покажува оти основните функции на животот можеби не зависат од никаква „магична искра“, туку можат да произлезат од правилна хемиска организација.

„Ова е најфасцинантната и најважната работа што сум ја направила во мојата кариера. Во хемијата го реплициравме она што претходно беше возможно само во биологијата“, изјави синтетичкиот биолог Кејт Адамала.

Она што дополнително ги изненади научниците е минималниот геном на синтетичката клетка. „Спудсел“ поседува геном од само 90 килобазни парови. За споредба, човечкиот геном содржи околу 3 милиони килобазни парови, а досегашните научни проценки укажуваа дека за функционална клетка се потребни најмалку 113 килобазни парови генетски информации.

Секоја синтетичка клетка е изградена од липозом — масна сфера што ја имитира надворешната мембрана на природна клетка. Во нејзината внатрешност се сместени седум плазмиди, мали единици на ДНК кои заедно го сочинуваат геномот.

Клетката содржи и систем за експресија на протеини кој овозможува генетските инструкции да се претвораат во функционални процеси. Благодарение на тоа, таа може да ги претвора хранливите материи од околината во материјали потребни за раст и делба.

Сепак, и покрај импресивниот напредок, научниот пробив отвори и сериозни дебати.

Дел од научната заедница смета дека „Спудсел“ сè уште не може да се смета за вистински жив организам. Причината е што не може самостојно да се реплицира низ повеќе генерации, што значи дека не може да еволуира.

Дополнително, синтетичката клетка не може самостојно да произведува сопствен систем за експресија на протеини, ниту целосно да го регулира својот метаболизам. Наместо тоа, таа зависи од надворешниот течен медиум.

Клетката исто така нема цитоскелет – клучна внатрешна структура кај природните клетки која овозможува транспорт на материјали и елиминација на отпад.

И покрај ограничувањата, истражувачите веруваат дека овој проект претставува историски чекор во разбирањето на животот.

Прашањето што сега сè погласно се поставува е: дали човештвото се приближува до моментот кога ќе може да создаде живот во лабораторија?

Тагови

Поврзани вести