Македонија

Мицкоски заминува во САД, најавени средби во Вашингтон и учество на Генералното собрание на ОН

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, 15 септември, со владина делегација заминува во посета на Соединетите Американски Држави, каде што се предвидени повеќе средби со американски претставници, финансиски институции и организации.

Првата дестинација на делегацијата е Вашингтон, каде што се најавени средби во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот. Предвидени се и разговори со претставници на американската финансиска институција DFC, како и со државници и претставници на влијателни тинк-тенк организации.

Според најавите, дел од разговорите ќе бидат насочени кон привлекување инвестиции во Македонија, меѓу кои во енергетиката, напредните технологии и воената индустрија. Во тој контекст, Мицкоски претходно го спомена и армискиот полигон Криволак како потенцијал што може да се понуди во разговорите со заинтересирани компании.

По Вашингтон, владината делегација ќе отпатува во Њујорк, каде што Мицкоски треба да учествува на годинашното Генерално собрание на Обединетите нации.

Тагови

Поврзани вести