Живот

Мистерија на Сатурн: Научниците открија огромна структура со десет страни во облаците на планетата

Научниците открија необична десетстрана структура – декaгон – во облаците над јужниот пол на Сатурн, феномен каков што досега не бил забележан на оваа планета.

Огромната форма е забележана со помош на вселенскиот телескоп „Хабл“, а се состои од брановидна структура во атмосферата богата со амонијак. Само една од нејзините страни е долга повеќе од 16.700 километри, што покажува колкави се размерите на феноменот.

Сатурн веќе е познат по една од најчудните атмосферски појави во Сончевиот систем – огромниот шестоаголник на неговиот северен пол, откриен уште во 1980-тите од леталата „Војаџер“.

Но, новооткриената структура на јужниот пол има десет страни и, за разлика од северниот шестоаголник кој е релативно стабилен, таа се движи кон исток со брзина од околу 10 километри на час.

Истражувачите претпоставуваат дека мистериозниот декaгон можеби се формирал во периодот меѓу 2017 и 2023 година, кога јужниот пол на Сатурн бил свртен така што не можел добро да се набљудува од Земјата.

Научниците сега ќе го следат неговото однесување за да утврдат како настануваат ваквите необични геометриски форми во атмосферата на гасовитиот џин.

Откритието може да помогне подобро да се разберат екстремните атмосферски процеси не само на Сатурн, туку и на другите гасовити планети во Сончевиот систем.

Тагови

Поврзани вести