КултураМакедонија
Маски, хумор и традиција: Денеска стартува Вевчанскиот карневал

Со свечена програма, денеска во Вевчани започнува традиционалниот Вевчански карневал – еден од најстарите и најавтентични карневалски настани во Македонија и поширокиот регион. Манифестацијата, позната по својата силна сатира и слободен израз, и годинава се очекува да привлече бројни посетители од земјата и од странство.
Програмата за првиот карневалски ден, 12 јануари, вклучува музички настапи на групата „Пука козметика“, како и на Лозано и „Брас Брадрс“, кои ќе ја загреат атмосферата во центарот на селото.
Утре, централниот дел од карневалот ќе биде дефилето на маскираните учесници низ вевчанските улици. Со оригинални и автентични костими, тие традиционално ќе испратат пораки инспирирани од актуелните општествени и политички теми, користејќи хумор, иронија и симболика како препознатлив белег на карневалот.
Организаторите најавуваат повеќедневна програма исполнета со културни настани, музика и обичаи, меѓу кои и традиционалното палење на маските со кое симболично се заокружува карневалската приказна. Истовремено, информираат дека се преземени сите неопходни безбедносни мерки за посетителите да можат безгрижно да уживаат во настанот.
Како дел од нематеријалното културно наследство, Вевчанскиот карневал и годинава ја потврдува својата улога како место каде што се среќаваат традицијата, сатирата и народниот дух, претворајќи го Вевчани во центар на карневалската магија.



