Вести

Мавровци бараат мораториум на градба околу езерото, во спротивно најавуваат радикализирање на состојбите

Општина Маврово Ростуше и Јавното претпријатие за комунална дејност сѐ уште не одговорија на барањата на Месната заедница Маврово за времено стопирање на издавање на дозволи за градба околу Мавровското Езеро. Мештаните сметаат дека постоечката инфраструктура (водовод, струја, патишта...) веќе не одговараат на бројот на новоизградени објекти. Тие најавуваат и радикализирање на состојбите во туристичкиот центар.

На состанокот на претставници на МЗ Маврово и одговорните лица на ЈПКД Маврово, заедно со градоначалникот на Општина Маврово Ростуше Медат Куртовски (одржан на 23 септември), биле изнесени сите аргументи зошто тие сметаат дека треба да се издаде времена забрана за градба од најмалку една година.

Според нив, водоводите се направени пред 60-70 години и тие веќе не можат да ги задоволат потребите на градежниот хаос кој настана во општината во последните години. Повисоките точки во селото, куќите и викендиците немаат редовно вода. Мештаните бараат да се извршат нови мерења на водоводите, на издашноста на реките и на изворите затоа што последни такви мерења биле вршени пред 20-30 години. Од МЗ Маврово потсетуваат дека наскоро ќе се отвори и новиот станбен комплекс покрај жичарницата кој има 186 стана.

Затоа тие сметаат дека треба да се стопира давањето позитивни мислења од страна на ЈПКД Маврово на една до две години, а во меѓувреме да се проанализира постоечката ситуација за да се утврди колку домаќинства можат квалитетно да се снабдуваат со вода. Ако се утврди дека новите мерења не соодветствуваат со старите, тогаш да се поднесат кривични пријави за сите кои давале позитивни мислења за нови градби.

Од МЗ Маврово потсетуваат дека тоа не е единствениот проблем: фрлање на шут покрај езерото, градби со дозвола за индивидуални куќи, а стануваат згради, хотели, апартмани, необезбеден паркинг простор…

Доколку овие барања на жителите на село Маврово не наидат на разбирање од страна на УО на ЈПКД Маврово и општината, жителите најавуваат дека ќе го радикализираат своето делување кое, како што велат, може да добие несакани последици, пренесува mkd.mk

Тагови

Поврзани вести