Свет

Кревко примирје на Блискиот Исток, светот повикува на мир

Иако стапи во сила 10-дневното примирје меѓу Израел и Либан, состојбата на терен останува напната, а двете страни сигнализираат дека ќе ја задржат високата борбена готовност.

Израелски одбранбени сили соопштија дека нивните единици нема да се повлечат од позициите во јужен Либан, додека Хезболах најави дека ќе го почитува договорот, но без намалување на внимателноста. Непосредно пред почетокот на примирјето биле регистрирани и разменети напади меѓу двете страни.

Примирјето, иницирано од Доналд Трамп, има за цел да создаде простор за разговори меѓу израелските и либанските претставници за подолгорочно решение. Во делови од Либан, неговото стапување во сила беше проследено со јавни прослави.

Во меѓувреме, Трамп изјави дека договорот со Иран е „на дофат“, додавајќи дека нова рунда разговори би можела да се одржи веќе овој викенд во Исламабад. Тој посочи и дека не е сигурно дали ќе биде потребно продолжување на постојното примирје со Иран.

Од американска страна, официјални лица предупредија дека мерките против Иран, вклучително и блокадата на пристаништата, ќе останат на сила сè додека Техеран не го промени својот пристап.

Меѓународната заедница го поздрави прекинот на огнот. Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, го оцени како олеснување и повика на траен мир и почитување на суверенитетот на Либан. Поддршка изразија и други европски лидери, нагласувајќи ја потребата од стабилизација на регионот.

Паралелно со тоа, денеска Обединетото Кралство и Франција организираат меѓународен состанок посветен на повторното отворање на Ормускиот теснец. На состанокот се очекува учество на околу 40 земји, со фокус на обезбедување слободна пловидба и зачувување на кревкото примирје.

Затворањето на теснецот, како и блокадата на иранските пристаништа, веќе имаа сериозно влијание врз глобалните енергетски пазари, предизвикувајќи раст на цените и дополнителна неизвесност.

Тагови

Поврзани вести