Економија

Колку домаќинства имаат „привилегија“ директно да бидат приклучени на гас во Македонија

Само 220 домаќинства (семејства) се евидентирани како приклучени директно на дистрибутивните мрежи на гас во Македонија во 2017, според најновите податоци на Регулаторна комисија за енергетика. ЈП Струмица Гас снабдува 184 домаќинства, додека ЈП Куманово Гас засега само 35.

Во Република Македонија мрежи за дистрибуција на природен гас имаат само технолошко-индустриска развојна зона Скопје, градот Куманово со должина на дистрибутивната мрежа од 13.140 m, и градот Струмица со должина на изградената дистрибутивна мрежа од 28.500 m. Додека ТИРЗ Скопје врши услуга само за седум индустриски капацитети, Јавните претпријатија во Куманово и Струмица, покрај училишта, градинки и здравствени установи, снабдуваат и домаќинства во тие населени места.

Претпријатието од Струмица  вкупните годишни дистрибутивни количини за една година ги зголемило од 386.212 на 504.108 нм3, додека тоа од Куманово од 373.684 на 492.748 нм3.

Развојот на дистрибутивниот гасоводен систем на Куманово Гасво наредните пет години предвидува изградба на секундарен гасовод во должина од 30 км кој може да снабдува  3.000 корисници од кои 5% претпријатија и установи и 95% домаќинства. Реална бројка која се планира да се постигне до 2021 година е 1.500 приклучоци, што подразбира сукцесивно зголемување на бројот на приклучоци до 1.500 во 2022 година.

Изградбата на секундарна гасоводна мрежа за 2018 година на СТрумица ГАс е предвидено да биде во должина од 14.000 метри. Предвидена е изградба на дистрибутивна гасоводна мрежа до најблиските пластеници за одгледување на раноградинарски производи. Проектираните количини за потрошувачка на природен гас за 2018 ќе изнесуваат околу 1.000.000 Nm³.

Цената на дистрибуцијата не е променета изминатата година и таа е 3,00 ден од нормален метар кубен во Куманово, односно 2,87 во Струмица, но заедно со преносот таа е околу 20 денари и зависи од месецот во годината.

Приклучок за едно домаќинство чини околу 800 евра со ДДВ, плаќањето е според потрошувачката, а според податокот за еден од зимските месеци домаќинство кое користело гас за затоплување на стотина квадрати, за готвење и санитарии, платило 2.300 денари

Република Македонија нема сопствени наоѓалишта на природен гас и поврзана е само со еден главен гасовод. Целокупната количина на природен гас се увезува од Русија преку Меѓународниот коридор 8 кој поминува низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија. Магистралниот гасовод влегува во Македонија кај Деве Баир на границата со Бугарија и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје, во должина од 98,197 km, разводна гасоводна мрежа од магистралниот вод до градовите Крива Паланка, Кратово, Куманово.

превземено faktor.mk

 

Тагови

Поврзани вести