Економија
Кинескиот извоз нагло порасна и покрај трговските тензии со САД

Кинескиот извоз значително порасна во првите два месеци од годинава, и покрај трговските тензии со Соединетите Американски Држави и царините воведени од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според официјалните податоци, извозот во јануари и февруари се зголемил за повеќе од 20 проценти – речиси трипати повеќе од прогнозите на економистите. Со овој раст, Кина се приближува до можноста повторно да го надмине рекордниот трговски суфицит остварен во 2025 година.
Најголем придонес за растот има силната побарувачка за електроника, како и зголемените испораки на земјоделски и индустриски производи. Трговијата со европските земји пораснала за 27,8 проценти, додека извозот кон земјите од Југоисточна Азија е зголемен за речиси 30 проценти.
Во исто време, извозот кон САД опаднал за повеќе од 10 проценти, што се поврзува со царините и трговските мерки воведени од Вашингтон.
Објавата доаѓа во пресрет на очекуваната средба меѓу Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг на почетокот на април, во период кога глобалната економија се соочува со нови тензии и енергетски потреси.



