Свет

Иран нуди поморска поддршка за бродовите во Ормускиот теснец

Иран соопшти дека неговите пристаништа се подготвени да обезбедат техничка и логистичка поддршка за бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец, во услови на засилени регионални тензии околу една од најважните светски поморски рути.

Како што пренесува ИРНА, иранската Организација за пристаништа и поморство испратила порака до командантите на трговските бродови, во која се наведува дека пловилата ќе можат да користат услуги за снабдување, гориво, медицинска помош и одржување во иранските води и пристаништа.

Според најавите, известувањето ќе се емитува преку поморските комуникациски системи неколкупати дневно во наредните денови. Техеран овој потег го претставува како дел од своите обврски за безбедна пловидба и контрола на поморскиот сообраќај.

Соопштението доаѓа по претходните предупредувања од Иранската револуционерна гарда, која ги повика бродовите да се движат исклучиво по однапред одредени рути, предупредувајќи дека секое отстапување може да предизвика реакција.

Ормускиот теснец останува клучна артерија за глобалната трговија со енергенси, а секоја нестабилност во регионот директно влијае врз цените на нафтата и светските пазари.

Во меѓувреме, претседателот на Франција, Емануел Макрон, разговарал со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, при што ја нагласил важноста од слободен и безбеден поморски сообраќај во регионот.

Тагови

Поврзани вести