Природа

Зошто којотите и јазовците ловат заедно?

На прв поглед, којотите и јазовците немаат причина да ,,соработуваат”. И двата се предатори, ловат ист плен и живеат на исти простори. Логично би било да се натпреваруваат или да се избегнуваат. Но природата често знае да изненади.

Иако не се секогаш во пријателски односи, овие два вида имаат долгогодишна „партнерска“ врска што покажува дека и ривалите понекогаш имаат корист ако работат заедно.


Ретки моменти фатени на фотографија

Таква сцена неодамна беше забележана на прериите во северен Колорадо, во близина на Националниот центар за заштита на црноножестиот ферет. Којот и јазовец беа фотографирани како заедно демнат плен — и тоа и од автоматска камера за див свет и од фотографи што се нашле на вистинското место во вистинско време.

Иако вакви фотографии се ретки, заедничкиот лов не е нова појава. Домородните народи во Северна Америка го познавале овој феномен одамна, а научниците го проучуваат со децении. Слични случаи се забележани низ Канада, САД и Мексико, најчесто со еден којот и еден јазовец што ловат како тим.

Истражување спроведено во Вајоминг покажало дека во дури 90% од ваквите ловови учествувале по еден претставник од двата вида. Поретко се случувало јазовец да лови со два којоти, а исклучително ретко со повеќе.

којот и јазовец во заеднички лов

Зошто им се „исплати“ да ловат заедно?

Иако ловат рамо до рамо, којотите и јазовците не го делат пленот. Па зошто тогаш се здружуваат?

Одговорот е едноставен: така шансите за успех се поголеми. Дури и ако само еден од нив заврши со улов, на долг рок и двата вида добиваат повеќе храна отколку кога ловат сами.

Причината лежи во нивните различни способности. Којотите се брзи, снаодливи и одлични во бркање плен на отворен простор. Јазовците, пак, се вистински мајстори за копање и многу подобро се снаоѓаат под земја.

Кога ловат одделно, пленот често успева да им избега — од јазовец со бегство над земја, а од којот со засолнување во дупките. Но кога двата предатори дејствуваат заедно, бегството станува многу потешко.

Којотот го брка пленот на површината, а јазовецот го пресретнува под земја. Така, животното речиси и да нема каде да се сокрие.

Истражувањата покажуваат дека во вакви случаи и двата предатори трошат помалку енергија, ловат поефикасно и имаат поголема стапка на успех.


„Соработка“ што не трае цела година

Сепак, оваа „соработка“ не е постојана. Којотите и јазовците најчесто ловат заедно во потоплите месеци. Со доаѓањето на зимата, нивните патишта често се раздвојуваат.

Во студениот период јазовците можат сами да дојдат до плен што хибернира под земја, па тогаш немаат потреба од помошта на којотите. Но кога повторно ќе се врати пролетта, шансите се големи овие два предатори пак да ги здружат силите.

И така, со илјадници години наназад, којотите и јазовците ја повторуваат истата приказна — понекогаш ривали, понекогаш партнери, но секогаш приспособени на правилата на природата.

Тагови

Поврзани вести