Култура
Златен шлем од 2.500 години повторно вратен во Романија

Антички златен шлем стар околу 2.500 години, украден од музеј во Холандија, е вратен во Романија по повеќемесечна меѓународна истрага. Станува збор за еден од најзначајните дакиски артефакти, чие исчезнување предизвика силна реакција кај европските институции.
Шлемот од Котофенешти, заедно со три златни нараквици, бил украден во јануари 2025 година од музејот Дрентс во Асен, каде што бил изложен како дел од романска колекција.
По 14 месеци координирана истрага меѓу холандските и романските власти, најголемиот дел од украдените предмети е пронајден и вратен во Националниот историски музеј во Букурешт. Во случајот се осомничени три лица.
Директорот на музејот, Корнел Константин Илие, истакна дека артефактите имаат огромно историско значење и претставуваат дел од националниот идентитет.
Шлемот е вратен со мали оштетувања, додека нараквиците се во речиси целосно зачувана состојба. Сепак, една нараквица сè уште се води како исчезната.
Овој случај се смета за еден од најзначајните примери на кражба на културно наследство во последниве години, со силна меѓународна соработка во неговото разрешување.



