Свет

Затворени сите плажи кај Сиднеј по серија напади од ајкули

Австралиските власти затворија околу 30 километри од крајбрежјето кај Сиднеј, откако во изминатите два дена беа регистрирани три напади од ајкули. Советот на плажите соопшти дека сите 34 плажи во погодената област ќе останат затворени до следно известување.

Најновиот инцидент се случил вчера вечер, кога маж бил каснат од ајкула. Полицијата на сојузната држава Нов Јужен Велс информира дека повредениот добил сериозни повреди на ногата и бил итно пренесен во болница, каде што се наоѓа во критична состојба.

„Ги повикуваме пливачите и сурферите строго да ги почитуваат известувањата за затворање на плажите и редовно да го проверуваат нивниот статус“, соопшти Советот на плажите.

Претходно истиот ден, ајкула ја каснала даската на млад сурфер во близина на населбата Ди Вај, без да има повредени. Во неделата, пак, 13-годишно момче било нападнато додека пливало во плитки води во близина на плажата Шарк, во источниот дел на Сиднеј. Полицијата наведе дека повредите укажуваат на напад од голема ајкула, иако точниот вид сè уште не е утврден. Момчето претрпело сериозни повреди на двете нозе и било хоспитализирано во критична состојба.

Според официјалните податоци од 2025 година, во Австралија во последната деценија просечно се регистрирале околу 20 напади од ајкули годишно со повреди, со просек од 2,8 смртни случаи годишно.

Тагови

Поврзани вести