Македонија
Започнува јубилејното 15. издание на фестивалот „Виноскоп 2026“
Од утре, 13 мај, Градскиот парк во Скопје, на локацијата „Школка“, повторно ќе биде центар на добрата енергија, врвното македонско вино, богатата гастрономија и квалитетната музика, со почетокот на јубилејното 15. издание на фестивалот „ВИНОСКОП 2026“.

Од утре, 13 мај, Градскиот парк во Скопје, на локацијата „Школка“, повторно ќе биде центар на добрата енергија, врвното македонско вино, богатата гастрономија и квалитетната музика, со почетокот на јубилејното 15. издание на фестивалот „ВИНОСКОП 2026“.
Фестивалот, кој се организира под покровителство на Град Скопје, ќе трае пет дена, до 17 мај 2026 година, и ќе понуди богата програма за сите љубители на виното, музиката и урбаното дружење.
Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни видови вина од бројни македонски винарии и производители на квалитетно македонско вино, претставени на фестивалските штандови. Покрај винската понуда, фестивалот ќе понуди и разновидна гастрономска содржина, како и музичко-забавна програма со настапи на домашни музички изведувачи, бендови и диџеи.

Програмата на фестивалот започнува во 18:00 часот во среда и четврток, во 17:00 часот во петок, додека за време на викендот, во сабота и недела, посетителите ќе можат да уживаат во дневната програма која започнува од 12:00 часот.
Годинава, „ВИНОСКОП 2026“ носи и тематски музички вечери, како и специјална дневна програма под концептот „Блуз и вино“, наменета за сите љубители на автентичниот звук, добрата атмосфера и квалитетното вино.
Преку организацијата на „ВИНОСКОП“, Град Скопје продолжува со поддршката и промоцијата на македонските производители на вино, винската традиција и потенцијалот на земјата за развој на винскиот туризам.
Организаторите ги покануваат сите граѓани и посетители да бидат дел од „ВИНОСКОП 2026“ – пет фестивалски денови исполнети со вино, музика, гастрономија и незаборавна дружба во срцето на Скопје.



