Економија

ЕК предлага укинување на роамингот за земјите од Западен Балкан

Темата повторно се актуализира откако на 1 јануари 2026 година Молдавија и Украина формално влегоа во режимот „роаминг како дома“.

Европската комисија соопшти дека ќе побара од Советот на Европската Унија одобрување за започнување преговори со шесте земји од Западен Балкан за укинување на роамингот при патување во земјите членки на ЕУ. Иницијативата ги опфаќа Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.

Доколку Советот ѝ даде мандат на Комисијата, ќе следуваат одделни билатерални разговори со секоја земја. По потпишувањето на договорите и целосното усогласување со европските правила за роаминг, граѓаните ќе можат да телефонираат, да испраќаат пораки и да користат мобилен интернет без дополнителни трошоци – според принципот „роаминг како дома“.

Од Брисел појаснуваат дека оваа иницијатива е дел од Планот за раст на Западен Балкан од 2023 година, чија цел е постепено вклучување на регионот во единствениот европски пазар уште пред формалното членство во ЕУ.

„Ова значи беспрекорна поврзаност по домашни цени не само за граѓаните и компаниите од Западен Балкан што патуваат во ЕУ, туку и за патниците од ЕУ кои доаѓаат во регионот“, соопшти Европската комисија.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека високите трошоци за роаминг сè уште претставуваат сериозен проблем за граѓаните. „Изненадувачките сметки и високите трошоци при патување одамна не се реалност во ЕУ. Денес предложивме тоа да се прошири и на Западен Балкан“, изјави таа.

И извршната потпретседателка на Комисијата за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, порача дека ова е важен чекор кон приклучување на регионот во европското „роаминг семејство“.

Прашањето повторно дојде во фокус откако од 1 јануари 2026 година Молдавија и Украина формално станаа дел од режимот „роаминг како дома“.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека идејата постои уште од 2014 година, но не била реализирана поради недоволна правна усогласеност. Според него, земјата требало уште во 2018 година да го прилагоди Европскиот комуникациски код и дополнителни регулативи во домашното законодавство.

„Домашната задача не беше навреме завршена“, рече Андоновски, додавајќи дека во 2025 година е донесен нов Закон за електронски комуникации и дека сега следуваат дополнителни измени за целосно усогласување со европското право.

Од Делегацијата на ЕУ посочуваат дека засега нема утврден рок за завршување на процесот и дека секоја земја ќе се оценува поединечно, врз основа на степенот на усогласеност и капацитетот за спроведување на правилата.

Како што нагласуваат од Брисел, станува збор за сложен процес што бара техничка, правна и институционална подготвеност. Но, доколку биде успешно реализиран, тоа би донело значително олеснување за граѓаните и бизнисите од регионот, со крај на стравот од високи сметки при патување во ЕУ.

Тагови

Поврзани вести