Свет
Експлозија во познат швајцарски ски-центар: најмалку 40 загинати, прогласена вонредна состојба

Светот е во шок по трагичната вест што пристигна од Швајцарија во првите часови на 2026 година. Најмалку 40 луѓе загинале, а околу 100 се повредени во силна експлозија и пожар во барот „Ле Констелашн“ во елитниот скијачки центар Кран-Монтана.
Иако швајцарската полиција официјално потврди „неколку десетици загинати“, италијанското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на локалните власти, излезе со бројка од најмалку 40 жртви. Состојбата е страотна – многу од телата се толку тешко изгорени што идентификацијата е оневозможена во овој момент.
Кантоналната влада во Швајцарија прогласи вонредна состојба по катастрофалната експлозија во Кран-Монтана. Мобилизирани се сите расположиви ресурси – десет хеликоптери, 40 амбулантни возила и 150 спасувачи се бореа со огнената стихија и евакуацијата на настраданите.
„Локалната единица за интензивна нега е полна“, изјави шефот на регионалната влада Матијас Рејнард. Тој потврди дека повеќето повредени имаат сериозни изгореници и веќе се префрлаат во универзитетските болници низ цела Швајцарија бидејќи капацитетите во кантонот Вале се пополнети.
На помош пристигна и италијански хеликоптер на Цивилната заштита. Причината за експлозијата во барот „Ле Констелашн“ засега останува непозната.



