ЕКО бизнисЕКО производиЕкономијаСвет

Европската индустрија за рециклирање пластика се движи кон колапс

Европската индустрија за рециклирање пластика се движи кон колапс – евтината азиска пластика и домашните притисоци ја гураат кон работ

Во време кога циркуларната економија треба да биде на врвот на европската зелена агенда, индустријата за рециклирање пластика во Европската Унија се соочува со сериозна криза и, како што предупредуваат експертите, се движи кон „иминентен колапс“.

Од 2023 година до крајот на 2025 година се очекува да се изгуби речиси еден милион тони од вкупниот инсталиран капацитет за рециклирање пластика во Европа. Само во првите седум месеци од 2025 година, изгубениот капацитет е речиси ист колку за целата претходна година, што е трипати повеќе отколку во 2023-та. По години на постојан раст, оваа година е прва во која нема забележан нето пораст во рециклирачкиот сектор.

Главната причина за кризата е навлегувањето на евтини увози на пластика, особено од азиските земји. Евтините рециклирани и нови (virgin) пластики од Азија ја туркаат цената надолу, правејќи ја европската пластика неконкурентна. Разликите во цените се толку големи што фабриките ширум континентот едноставно не можат да опстанат.

Дополнително, високите трошоци за енергија, строгите регулативи и административните бариери во ЕУ дополнително ја отежнуваат работата на индустријата. Многу компании кои планираа нови инвестиции во модерни технологии за механичко и хемиско рециклирање ги стопираа своите проекти, бидејќи економските услови не се исплатливи.

Ситуацијата веќе има реални последици: фабрики се затвораат во Германија, Холандија и Велика Британија, а илјадници работни места се доведени во прашање. Производството на рециклиран материјал во Европа е намалено за околу пет проценти, што дополнително го загрозува исполнувањето на европските цели за одржлив развој и за намалување на отпадот.

Индустријата за рециклирање пластика се смета за клучна во стратегијата за зелена транзиција на ЕУ. Ако се дозволи нејзин колапс, последиците нема да бидат само економски, туку и еколошки – Европа би станала уште позависна од увоз на пластика и рециклиран материјал, а амбициите за затворање на „пластичниот круг“ ќе останат само на хартија.

Според здружението Plastics Recyclers Europe (PRE), потребни се итни мерки: воведување заштита од нискоквалитетен увоз, усогласување на правилата за одговорност на производителите, намалување на административните пречки и поддршка со поевтина, „зелена“ енергија за фабриките што се борат да опстанат.

Без овие чекори, предупредуваат експертите, европската индустрија за рециклирање може да ја загуби својата конкурентност и да ја пропушти шансата да стане вистински двигател на одржливата економија. Наместо да го предводи зелениот преод, Европа ризикува да стане зависна од пластика произведена на други континенти – по пониска цена, но со многу повисока еколошка цена.

Тагови

Поврзани вести