Економија

Британија соочена со намалување на работни места поради развојот на вештачката интелигенција

Велика Британија доживува поголем одлив на работни места отколку што создава поради имплементацијата на вештачката интелигенција (ВИ) и е посилно зафатена од нејзиното влијание во споредба со другите водечки економии. Ова го покажуваат резултатите од денеска објавеното истражување на банката „Морган Стенли“.

Анкетата, која покрај Велика Британија ги опфати и Соединетите Американски Држави, Јапонија, Германија и Австралија, откри дека намалувањето на работните места во британските компании во последните 12 месеци изнесувало осум отсто. Ова е највисоко ниво меѓу анализираните земји, според извештајот на весникот „Гардијан“.

Истражувањето опфати компании кои користат вештачка интелигенција најмалку една година, во пет клучни сектори: малопродажба, недвижности, транспорт, медицинска опрема и автомобилска индустрија.

Резултатите од студијата откриваат дека британските компании забележуваат просечен пораст на продуктивноста од 11,5 отсто, што се припишува на примената на ВИ.

Сличен раст на продуктивноста бил пријавен и од страна на американските компании. Сепак, за разлика од британските, американските компании во истиот период ги зголемиле своите тимови, наместо да отпуштаат работници.

Повеќе од една четвртина од британските работници изразиле загриженост дека нивните позиции би можеле целосно да исчезнат во следните пет години како последица на вештачката интелигенција. Ова го открива друго истражување спроведено од меѓународната агенција за вработување „Рандстад“.

Најизразена загриженост покажуваат помладите работници, особено претставниците на генерацијата З (до 29 години), кои стравуваат од влијанието на ВИ и од сопствената способност за адаптација на новите услови.

Спротивно на нив, бумерите (родени меѓу 1946 и 1964 година), кои се на крајот од своите професионални кариери, покажале поголема самодоверба.

Компаниите кои биле дел од анкетата на „Морган Стенли“ навеле дека најголем ризик од губење на работните места имаат вработените со две до пет години работно искуство, односно оние кои се во почетната или рана фаза од својата кариера.

Претходно овој месец, градоначалникот на Лондон, Садик Кан, предупреди дека вештачката интелигенција би можела да предизвика значително намалување на работните места во британската престолнина и да воведе „нова ера на масовна невработеност“.

Тагови

Поврзани вести