Свет

Американскиот државен обвинител бара истрага против екстремистичките групи

Американскиот државен обвинител Пам Бонди во четврток им наложи на обвинителите и другите надлежни органи да ги засилат истрагите против антифашистичкото движење Антифа и слични „екстремистички групи“ и побара од ФБИ список на актери кои би можеле да бидат вклучени во домашен тероризам, според интерен меморандум до кој дојде Ројтерс.

Меморандумот, во кој се бара од Министерството за правда да им даде приоритет на истрагите за домашен тероризам и даночни измами, доаѓа неколку месеци по убиството на конзервативниот политички активист Чарли Кирк, кратко по што претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која Антифа се прогласува за терористичка организација.

„Домашните терористи користат насилство или закана со насилство за да ги постигнат своите политички цели и промовираат екстремни ставови за масовната миграција и отворените граници, радикална родова идеологија, антиамериканизам, антикапитализам и антихристијанство“, се наведува во писмото на државниот обвинител.

Министерството за правда не даде коментар за гореспоменатото писмо.

Бонди, исто така, им нареди на федералните агенции за спроведување на законот да ги пребараат нивните досиеја и да извлечат разузнавачки информации за антифа групите, кои потоа ќе им ги достават на истражителите.

Таа побара од ФБИ да ги истражи сите инциденти од изминатите пет години што содржат елементи на домашен тероризам. Откако ФБИ ќе состави список на актери кои би можеле да бидат вклучени во домашен тероризам, нивната следна задача е да смислат нови стратегии што ќе „разбијат цели мрежи на криминални активности“.

Дополнително, ФБИ треба да го подобри својот систем за дојави, така што „сведоците и граѓанските новинари ќе можат да испраќаат сомнителни акти на домашен тероризам до медиумите“.

Во писмото, исто така, се повикуваат агенциите што доделуваат грантови да им дадат приоритет на федералните држави и градови што имаат програми за заштита од домашен тероризам.

Тагови

Поврзани вести