Трговските односи меѓу Европската Унија и САД повторно се соочуваат со сериозни тензии, откако разговорите за спроведување на трансатлантскиот трговски договор завршија без конечен договор. Во центарот на спорот се можните американски царини од 25 проценти за европските автомобили. Според информациите, спорниот договор бил политички договорен во 2025 година меѓу Доналд Трамп и Урсула фон дер Лајен, но Европската Унија сè уште не ја завршила внатрешната процедура за негово спроведување. Дел од европратениците бараат дополнителни заштитни механизми и гаранции доколку САД повторно воведат трговски мерки. Вашингтон предупредува дека доколку Брисел продолжи да одложува, може брзо да бидат воведени повисоки царини за европските возила. Тоа би претставувало сериозен удар за европската автомобилска индустрија, особено за германските производители. Следната рунда разговори меѓу двете страни е закажана за 19 мај во Стразбур, а европските претставници оценуваат дека има напредок, но сè уште нема конечен компромис.