Свет
Протест против проширувањето на фабриката на „Тесла“ на штета на 100 хектари шума покрај Берлин
Еко-активисти организираа протест со кампување во шума во близина на Берлин против плановите за проширување на теренот на првата фабрика на производителот на електрични автомобили „Тесла“ и кажаа дека планираат да останат таму со недели.
Иницијативата „Стоп Тесла“ информира дека меѓу 80 и 100 активисти кампуваат во шумата од четвртокот. Тие имаат поставено шатори и градат куќички на дрво, неколку од нив се и неколку метри над земја – тактика што се користеше во претходни германски еколошки протести.
Полицијата одлучи дека демонстрантите може да останат таму најмалку до 15 март и внимава што се случува во шумата, но засега оттаму велат дека нема потреба од прекинување на протестот.
„Тесла“ ја отвори фабриката во Груенхајде, надвор од Берлин во март 2022 година – претставувајќи предизвик за германските производители на автомобили на нивниот домашен терен.
Компанијата сега сака да го прошири капацитетот за товарно складиште, магацини и компаниска детска градинка. Овие планови ќе повлечат сеча на повеќе од 100 хектари шума.
Тоа предизвика противење на еколози и некои други локални групи кои се загрижени и за можните ефекти врз снабдувањето на вода во областа. На необврзувачкото гласање што се случи во средината на февруари, жителите на општината Груенхајде ги отфрлија плановите на „Тесла“, но тоа мора да биде потврдено и од официјалните власти.