Македонија

Камени кукли во Конопиште чекаат туристи

Убавици од камен, камени кукли дело на мајката природа, чекаат туристи во кавадаречкото село  Конопиште, прекрасно место,  четириесетина километри од градот Кавадарци.

Луѓето што ги сретнавме во селото срамежливо прифаќаа да разговараат за ова несекојдневно дело на природата, но признаваа дека месноста привлекува гости. Цуцките, како што ги нарекуваат, нагласија, се пример дека природата е ненадминат вајар. Појаснија дека конопишката атракција е пред влезот во селото, но рекоа дека слични фигури има и на други места во атарот на Конопиште.

Дознавме дека многумина верувале во чудотворната моќ на местото, дека помага во плодноста, поради што било посетувано од љубопитници и тие што веруваат во такви чуда. Тоа го потврдија и нашите соговорници во Конопиште.

– Местото го посетуваат луѓе од мака, но и љубопитници. Сме слушнале дека тие што доаѓаат по чаре прават и некои адети околу камените фигури. Љубопитните, се фотографираат, појаснија тие.

Самовилска вода 

Дека посетители од земјава и странство го посетуваат Конопиште, за МИА потврди Вангел Миразов, ктитор на манастирчето, „Свети Атанасиј”. Тој има 71 година, скоро 50 години работел во Данска и таму му се сонило, та изградил верски објект во селото.

– Околу каменот за кој се верува дека има необична моќ, а се наоѓа во склоп на манастирчето, се имаат свртено за среќа голем број луѓе од различни вери и националности, сподели тој со нас.

Миразов ни раскажа дека верскиот објект е изграден пред околу 25 години, на темелите на црква која постоела уште во 1601 година, но подоцна била запалена. Тој  нагласи дека сите пари што ги оставаат верниците за здравје и среќа се реинвестираат во манастирчето. Во близина, откри, на околу половина километар, има самовилска вода за која исто така се верува дека е лековита.

– И во Данска сме врзани, што се вели, а и овде влече носталгијата. Децата ми се таму одомени, рече тој.

Во селото дознавме дека околу каменот во манастирчето, се вртеле, дури  и кога немало црква.

– Овој камен отсекогаш имал некаква моќ, луѓето се вртеле околу него верувајќи дека носи среќа  дури и кога немало црква, се молеле и палеле свеќи, ни објаснија од црковниот одбор.

Своевремено, во оваа селска средина беше седиштето на тогашната Општина Конопиште, во која влегуваа неколку села.

Во селото сега има малкумина постојани жители, луѓе редовно доаѓаат за викенди и празници. Тука е  фабриката ,„Горска” вода, но и Центарот за одвикнување од зависности од дрога и алкохол „Нарконон Балкан”, што постои 20 години и во природна средина и без лекови, од зависност се ослободуваат лица од земјава и странство.

Карпите од кои се изградени камените кукли имаат вулканско потекло

Камените кукли во Конопиште имаат вулканско потекло, универзитетскиот професор Ивица Милевски.

– Пред околу 5 – 6 милиони години, се активирала една од најмладите вулкански области на подрачјето на Македонија, која се протегала на западната и северната страна на планината Кожуф. Вулканите биле изразито експлозивни, со навистина огромно количество на пепел, гасови и друг пирокластичен материјал. Овој материјал се натрупувал со илјадници години во вид на дебели туфни наслаги северно од Кожуф, кај висорамнината Витачево. Реките Вардар, Бошава, Луда Мара, засекле и еродирале делови од тие наслаги, формирајќи ја познатата и единствена типична висорамнина кај нас, а ни откриле и извонредни форми како што се камените кукли кај Конопиште, вулкански некови-чуки, вулкански бомби и друго. Последните вулкани во Кожуфската област згаснале пред околу 1,5 – 2 милиони години, појасни  Милевски.

Извор МИА

Тагови

Поврзани вести