Природа
Голема вулканска ерупција на Исланд, евакуирани повеќе населени места
Два и пол месеци по последната вулканска ерупција на југот на Исланд, започна нова, поради што се евакуирани рибарскиот град Гриндавик и најпопуларното туристичко место „Blue Lagoon“.
Пукнатината се отвори во близина на Сунднуксгигар, на полуостровот Рејкјанес.
Исландската метеоролошка служба соопшти дека должината на коритото со лава е 2,5 километри и продолжува да се зголемува.
Официјалните лица претходно известија за „силен земјотрес“, предупредувајќи дека магмата се приближува до Гриндавик.
Струјата беше прекината во главно напуштениот град Гриндавик за да се заштити далноводот, соопшти исландскиот јавен радиодифузер RUV.
Евакуирана е и блиската електрана Сварценги, која снабдува илјадници луѓе на полуостровот со вода и струја.
Исланд има 33 активни вулкански системи и се наоѓа над она што е познато како Средноатлантскиот гребен, границата помеѓу двете најголеми тектонски плочи на планетата.
Последен пат полуостровот Рејкјанес имал период на вулканска активност пред 800 години, а ерупциите траеле со децении.
Ова е осма ерупција од 2021 година, а научниците веруваат дека областа влегува во нова вулканска ера која може да трае со децении, па дури и со векови.