54 то издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“ ќе се одржува од 9 до 31 мај во Македонската опера и балет, со програма составена од седум оперски претстави и еден балет. Фестивалот ќе биде отворен со премиерни изведби на оперите „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини, а фестивалскиот оган ќе го запали сопранистката Ана Дурловски. На програмата се и „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Травијата“ и „Набуко“, додека балетот „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски ќе биде изведен на 22 мај. Директорот на МОБ, Оливер Арсовски, истакна дека фестивалот е можност институцијата да го покаже својот уметнички капацитет и визија, додека министерот за култура Зоран Љутков оцени дека „Мајските оперски вечери“ претставуваат симбол на квалитет и културен континуитет.